Црниот фустан „Армани“ што Меган Маркл го носеше на интервјуто кај Опра Винфри е избран за фустан на 2021 година, од страна на Британскиот моден музеј „Бат“.
Интервјуто од март 2021 беше прикажано во над 70 земји и привлече околу 60 милиони гледачи ширум светот. А, долгиот, свилен жоржет-фустан со длабоко деколте, вез од лотосов цвет и соодветен ремен е дел од колекцијата на „Џорџо Армани“ за пролет-лето 2022. Малопродажната цена е 4.700 долари.
Од 1963 година, Модниот музеј кани реномирани личности од модната индустрија да го изберат фустанот на годината. Изборот, кој потоа станува дел од специјалната колекција, има за цел да го долови преовладувачкото модно расположение за изминатата година. Годинашни „судии“ беа Ибрахим Камара и Герет Рајтон – главниот уредник и уметничкиот директор на списанието „Дејзд“ (Dazed). Тоа, откако лани нивниот „Фустан на надежта“ беше избран како победник за во Музејот, за 2020 година.
„Во денешната хиперстилизирана поп-култура, фустанот на годината сега има потенцијал да биде ’меме на годината‘ и двајцата го прифативме, сега веќе култното интервју на Меган и Хари кај Опра како дефинитивен миг што засекогаш ќе остане во британската колективна свест“, се вели во соопштението на двајцата модни работници.
Музејот веќе го постави фустанот на Меган како дел од изложбата насловена „Историјата на модата во 100 предмети“.