Голем број противници на војната од Русија го повикуваат претседателот Владимир Путин да ја запре инвазијата на Украина.

„Ние, руските лекари, медицински сестри и болничари, силно се спротивставуваме на нападот на руската војска на украинска територија“, се вели во петицијата потпишана од повеќе од 300 луѓе.

Десетици руски хуманитарни организации испратија отворено писмо до Путин со барање да ја прекине војната.

„Војната е хуманитарна катастрофа што предизвикува болка и страдање… Сметаме дека решавањето на политичките конфликти со сила е нехумано, затоа ве повикуваме да го прекинете огнот и да започнете преговори“, се вели во писмото.

Повеќе од 2.000 луѓе се приведени од четвртокот поради учество во антивоени протести.

Руските власти избегнуваат да го користат зборот „војна“ во медиумите и наместо тоа ја опишуваат инвазијата на Украина како „воена операција“.

Странските телевизиски канали со денови се блокирани во голем станбено-деловен комплекс во центарот на Москва, каде покрај руски официјални претставници живеат и работат бројни дипломати и странски дописници.

Раководството на зградата како причина за блокадата го наведе дефектот на сателитските системи ки понуди да ги активира националните ТВ канали на Русија.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски им се заблагодари на многу истакнати руски уметници, интелектуалци и медиумски луѓе кои отворено се спротивставија на војната.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/02/2022 02:49