Полската прес агенција (ПАП) повика на исфрлање на руската новинска агенција ТАСС од Европската алијанса на новински агенции (ЕАНА).

Ваквиот потег го иницираше извршниот директор на ПАП, Војчех Сурмач, пренесе Укринформ.

„Го повикувам Управниот одбор да почне процедура за итно отстранување на агенцијата ТАСС од Европската алијанса на новински агенции. Руската агенција на невиден начин и во досега невидени размери, дистрибуираше невистинити информации за темата на руската агресија против Украина“, напиша Сурмач во писмото до Управниот одбор на ЕАНА.

„Да не дозволиме поткрепување и легитимирање на дезинформациите за рускиот криминален напад врз Украина“, продолжува Сурмач во писмото.

„Солидарноста со нашите пријатели на агенцијата Укринформ и целата украинска нација денеска е наша должност. Да живее слободна и независна Украина“, напиша Сурмач.

Европската алијанса на новински агенции е основана во 1956 година и во моментов обединува повеќе од 30 водечки европски новински агенции. Укринформ, кој ја претставува Украина во Алијансата, е членка на ЕАНА од 1995 година.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/02/2022 03:08