Тренерот на Еурофарм Пелистер, Жељко Бабиќ, побара од своите избраници максимален сериозен пристап на претстојниот натпревар со Татабања на кој битолчани се фаворити.
– Ништо не е готово, уште сè е отворено. Имаме уште две кола, а математички уште не го обезбедивме ни осминафиналето. Така да мораме да останеме фокусирани, ментално цврсти, да размислуваме секој за своите задачи и да го потврдиме тоа што нè краси – тимската игра. Татабања е одличен и подвижен тим. Имаат технички добри ракометари кои играат „еден на еден“, а имаат и одличен тренер. Точно е дека немаат шанси за осминафинале, но имаа проблеми во клубот и затоа се малку подолу на табелата. Сепак, заслужуваат респект и ни следи баш европски натпревар.
Натпреварот Татабања – Еурофарм Пелистер е закажан за утре (1 март) со почеток во 18:45 часот на теренот на унгарскиот тим.
По осум кола во Д-групата од Европската лига, Еурофарм Пелистер е втор со 10 бодови, Татабања е последна (6. место) со четири освоени бода.