Во текот на изминатиот месец февруари на поширокото тетовско подрачје, во редовни и 34 засилени и други акциски контроли, полицијата вкупно има откриено 1800 различни видови сообраќајни прекршоци. Во споредба со февруари 2021 има повеќе констатирани неправилности бидејќи лани имало 113 помалку.

-Во контролните активности, спроведени минатиот месец, а поради констатирани прекршоци, од сообраќај билe исклучени 66 возила, од кои 54 поради истечена регистрација до и над 30 дена и 12 поради утврдена техничка неисправност, најмногу на сопирачките. Во февруари, исто така, од сообраќај биле исклучени и 221 возач, од кои 135 управувале без возачка дозвола, 28 под дејство на алкохол, 46 возачи-почетници кои не се придржувале на законските ограничувања за оваа категорија учесници во сообраќајот и 12 со важечка забрана за управување, информира Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.

Во текот на 28 дена од минатиот месец времено биле одземени девет возила, 76 возачки и 43 сообраќајни дозволи, додека тетовската „пајак-служба“ вкупно подигнала 219 непрописно паркирани возила.

Според податоците на одделението за статистика во овој период биле изготвени и 238 писмени предупредувања. Биле организирани и сообраќајни поуки на кои присуствувале 23 лица, претежно пешаци кои претходно направиле различни прекршоци.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/03/2022 15:21