По повод 8 Март, денот на жената, во организација на Детскиот културен центар „Карпош“ и Град Скопје, ќе биде организиран музичко креативен настан.
Како што информираат од ДКЦ „Карпош“, главниот настан ќе се одржи во сабота во Кинотека со почеток во 12 часот, каде децата низ танц и музика ќе упатат честитки кон сите жени, а особено кон своите мајки.
Манифестацијата продолжува на 07.03.2022 година со почеток во 13 часот и во пресрет на празникот, во соработка со ООУ „Киро Глигоров“, ќе има креативно пишување на тема „Со љубов за сите жени“ и литературно поетско читање на поезија наменета за жената.
Затварoњето на манифестацијата ќе биде на 08.03.2022 година со традиционалната изложба на цртежи од деца од предучилишните установи во Град Скопје и околината кои учествуваа на конкурсот објавен на тема „Цртам за мојата мајка“.
Изложбата со детските творби ќе биде поставена во просториите на ДКЦ „Карпош“.