Поради зачестените измами на повозрасни кумановци при набавка на огревно дрво, кумановската полиција денеска апелираше граѓаните да бидат внимателни. Од почетокот на годинава има регистрирано четири пријави за измама при набавка на огревно дрво.
Како што информираа од кумановската полиција, последниве два месеци на подрачјето на СВР Куманово регистрирани се вкупно осум пријави за измама од кои половина се измами на граѓани при купување огревни дрва. Три пријави има во месец февруари.
– Начинот на измама сторителите го вршат со доаѓање во домот на постари лица, при што ги доведуваат во заблуда со лажно прикажување на факти дека продаваат огревно дрво. Ги наведуваат да им платат за дрвата под изговор дека камионот со дрва е во близина, дека дрвата ќе им бидат донесени, ги земаат парите и си заминуваат, изјави портпаролот на СВР Куманово, Ивана Младеновска.
Лани, СВР Куманово евидентирало вкупно 26 пријави за измами од кои, шест биле за набавка на огревни дрва.
– СВР Куманово апелира до граѓаните да бидат претпазливи, особено повозрасните кога непознати лица им нудат огревно дрво за пониска цена од продажната, да не наседнуваат на измами во кои лажно се нудат услуги и сите сомнителни случаи да ги пријават на бројот 192, повика Младеновска.
Кумановската полиција презема мерки и активности за пронаоѓање и санкционирање на пријавените сторители на измами.