Опремуваме две општински училишта во Кисела Вода со сензорни соби во соработка со ,,Биотек".
Општина Кисела Вода во соработка со ,,Биотек" обезбеди донација со која ќе се опремат две сензорни соби во основните училишта во овој дел од градот.
Заедно со управителката на компанијата ,,Биотек”, Анкица Синадинова Базерко, која ја донира опремата за сензорните соби, денес го потпишавме Договорот вреден 812.000,00 денари во ООУ ,,Кузман Шапкарев” во населбата Драчево, како прво училиште каде ќе се инсталира опремата и ќе се стави во функција сензорна соба наменета за деца со интелектуална попреченост и потешкотии во развојот.
Во првата фаза, градиме сензорна соби во две од осумте општински училишта, а за една година дечињата со попреченост кои се вклучени во редовната настава ќе имаат ваков простор и во сите останати училишта на територија на општина Кисела Вода.
Станува збор за просторија која е посебно прилагодена со реквизити, посебни материјали и сензорно осветлување кое докажано има смирувачко дејство врз децата со посебни потреби.
Ги следиме нивните потреби и како локална самоуправа, правиме значајни чекори во практикување на нивен еднаков третман и нивна инклузија во образовниот систем и во сите сфери на општественото живеење.
Ќе потсетам дека објектот на општина Кисела Вода го опремивме со пристапни рампи и дека вршиме реконструкција на ООУ ,,Кузман Јосифовски Питу”, кое го правиме да биде целосно достапно за децата со посебни потреби.
Нив ги вклучуваме и во сите манифестации и настани организирани од Општината.
Сметам дека денес потпишаниот договор, за кој сакам да се заблагодарам на компанијата ,,Биотек”, која ја покажа својата општествена одговорност, ќе обезбеди подобра едукација на децата со попреченост и дека ќе им помогне полесно да се вклопат во образовниот процес.
Управителката на ,,Биотек" Анкица Синадонова - Базерко истакна дека големо е задоволството што на овој начин, тие како компанија можат да ја покажат својата општествена одговорност и да излезат во пресрет на дечињата кои имаат потреба за помош.
- Ја цениме иницијативата на Општина Кисела Вода, со која преку оваа заедничка соработка ќе обезбедиме поубава иднина на овие деца, полесна работа на наставниците, со еден збор да можеме да ја реализираме општествената цел на “Биотек”- да помогнеме и да создаваме посреќни генерации. Искрено се надевам дека добрата соработка со Општина Кисела Вода ќе продолжи, бидејќи е очигледно дека со градоначалникот Ѓорѓиевски делиме заеднички хумани вредности.
Освен во ,,Кузман Шапкарев”, градиме сензорна соба и во ООУ ,,Кузман Јосифовски Питу”.
Во ,,Кузман Шапкарев“, настава посетува 21 ученик со посебни потреби, додека во ООУ ,,Кузман Јосифовски Питу”, 9.
На ниво на општина Кисела Вода во сите осум општински училишта, вкупно 93 ученици со попреченост се вклучени во редовниот наставен процес.
Согласно договореното, првите две сензорни соби треба да профункционираат најмногу за два месеца.