Ноќното ѕвездено небо повторно може да се набљудува во скопскиот Планетариум кој поради пандемијата беше затворен две години. Најбрзите што успеаја да купат влезница имаа можност да присуствуваат на едно од четирите предавања кои завчера и вчера ги организираше Скопското астрономско друштво. И предавачите, исто така, се задоволни од повторната средба со посетителите иако, со антиковид-мерките, нивниот број е преполовен – дозволено е да бидат 30 наместо 70.

Интересот беше голем и веќе се планираат следни предавања. Се организираат со закажување и за најмалку 20 посетители, а не во редовни термини на Младинскиот културен центар. Траат 50-ина минути и почнуваат по првите шест-седум откако очите ќе се навикнат на целосна темнина.

Потоа присутните слушаат за соѕвездијата – што се тие и како се создаваат, кои се најпознатите, легендите за нив, Големата Мечка и како таа се користи за да се најде Северницата, за Млечниот Пат – како е тој познат во домашната, а како во грчката митологија која преовладува во астрономијата, за календарите и нивната поврзаност со ноќното небо итн.

Радан Митровиќ од Скопското астрономско друштво, еден од двајцата предавачи во Планетариумот, за МИА вели дека посетителите најмногу се интересираат за црните дупки, суперновите и астероидите, но тоа се и најтешките теми зашто црните дупки, вели тој, се длабока физика – наука која не е популарна за јавноста и е тешко да се објасни.

– Астрономијата е огромна тема и денес луѓето, со интернетот, слушаат многу работи, но, за жал, тие се многу искривени. Дури и во образовниот процес не добиваат добри информации. Во училиштата нема предмет, има нешто во Географија и во Физика, меѓутоа многу е малку. Една од најголемите заблуди, на пример, е дека Северницата е најсјајна ѕвезда, а всушност е Сириус, која кога ќе се стемни се гледа на југ како најсјајна ѕвезда на небото. Многу малку луѓе прават разлика и меѓу Сончев Систем и галаксија, а да не зборуваме за размери, вели Митровиќ.

За симулација на ѕвезденото небо и за основни знаења од астрономијата и астрофизиката во Планетариумот се користи опрема стара веќе 60-ина години. Модерните планетариуми сега функционираат поинаку, додава нашиот соговорник – со видеопроекции и, исто така, користат сферна површина т.е. купола за проекции.

– Меѓутоа, не може да добиете чувство на ноќно небо како тука. Таква проекција може да се направи и на која било рамна површина и да имате интересно предавање, но вакво нешто не би жртвувал – зашто ноќното небо со бескрајно многу ѕвезди има специфична убавина и мора да се доживее. А особено кога тоа ќе се склопи со приказни/легенди за Голема Мечка, за Орион, Херкул…, рече предавачот во Планетариумот кој по професија е хемиски инженер.

Со него разговаравме и за астероидите и за потфатот на aмериканската агенција НАСА која лани лансираше сонда во пробна мисија (Дарт) за пренасочување на астероидите што се закана за Земјата. Сондата треба да удри во мала месечина на астероидот Дидимос и научниците со тестирањето ќе дојдат до точни мерења колку може да се забави движењето и да се промени траекторијата на астероидите што може да бидат опасни за нашата планета.

– Опасност астероид да ја удри Земјата постои во секое време. Знаеме дека тоа сигурно ќе се случи, но дали утре или за неколку илјади години тоа не го знаеме. Тоа се случувало во минатото, ќе се случува во иднина и доколку ние нешто не преземаме, ќе имаме судбина на диносауруси. Но, за разлика од нас, диносаурусите немале НАСА и сите тие вселенски агенции кои работат на тоа, па меѓу другото и таа мисија Дарт која ја лансираше СпејсЕкс. За неколку месеци таа сонда треба да удри во еден мал астероид. Со ова ќе знаеме, доколку ни се заканува некој астероид, колкаво летало ние би требало да пратиме и навреме да го скршнеме, да го забавиме и да се промашиме во Вселената. Ако знаеме дека има опасност некој објект да нѐ удри за две, три или за пет години, може да праќаме една по една ракета, да го удираме и да го забавуваме за да се избегнат судари. И на тоа се работи, објаснува Митровиќ.

Среќа е, вели тој, што научниците ги откриле големите астероиди, со дијаметар над еден километар, кои се најопасни зашто може да направат глобална катастрофа.

– Има стотици илјади, па можеби и милиони астероиди, но не нѐ плашат тие од пет или десет метри. Тие согоруваат, главно, во атмосферата и нешто малку ќе паднат долу, може да уништат куќа, населба, но не повеќе. Овие објекти ги знаеме, блиску се и постојано се вртат околу нас. Проблемот е со оние што не ги знаеме, а тоа се кометите – мали се и доаѓаат од многу далеку. За жал, ги откриваме дури околу Јупитеровата орбита и доаѓаат за неколку месеци. Науката сега прави специфични телескопи за брзо скенирање на небото и ќе знаеме за сѐ што кружи околу. Меѓутоа, треба уште многу, многу пари да се вложат за да бидеме побезбедни. За жал, како што се гледа, светот денес многу повеќе вложува во воена технологија, додава Митровиќ.

Скопското астрономско друштво планира да ги возобнови и курсевите по астрономија за возрасни и за деца што ги организираше на Електротехничкиот факултет, но треба да ги усогласи со ограничувањата наметнати од КОВИД-19.

За датумите за следните предавања во Планетариумот, пак, ќе биде соопштено на нивната фејсбук-страница, а заинтересираните ќе може да ги набават влезниците на билетарницата на МКЦ по цена од 150 денари.

Хатка Смаиловиќ



Автор: Администратор
Објавено на: 05/03/2022 15:20