Формула 1 тимот „Хас“ објави денеска дека го прекинува партнерството со својот руски спонзор „Уралкали“ и го раскина договорот со рускиот возач Никита Мазепин поради инвазијата на Украина.
– Како и останатиот дел од заедницата на Формула 1, екипата е шокирана и во жалост поради инвазијата на Украина и сака брз и мирен крај на судирот, соопшти американскиот Ф1 тим „Хас“.
Рускиот возач на екипата Мазепин изрази разочараност од, како што наведе „едностраната“ одлука.
– Многу сум разочаран од сознанието дека мојот договор во Ф1 е раскинат. Иако ги разбирам настанатите тешкотии, одлуката на ФИА (Меѓународната автомобилистичка федерација да им дозволи на руските возачи да се натпреваруваат под услови) и мојата подготвеност да се прифатат предложените услови, се целосно занемарени и во овој едностран пристап не е испочитувана каква и да е процедура, објави Мазепин на социјалните мрежи.
Кој ќе го замени рускиот возач во „Хас“ не е објавено, а би требало да биде познато по второто и последно претсезонско тестирање во Бахреин, од 10 до 12 март.