Со меѓународна ликовна изложба „Будење 3“ и проекција на документарни филмови, од денеска до 10 март во Младинскиот културен центар и Кинотеката во Скопје ќе се одржува 13-то издание на „Вечери на женски права“.
Настанот е под покровителство на градските власти, а традиционално се организира од 2010 година.
-Настаните кои се организираат во рамките на оваа манифестација понудија алтернатива во прославувањето на Меѓународниот ден на жената – 8 Март, а искуствата од претходните изданија покажаа дека граѓаните на Скопје имаат огромен интерес за вклучување во активности по однос на прашања поврзани со женските права и со родовата еднаквост, соопштија од Град Скопје.
Како што е најавено во програмата, во рамки на настанот во МКЦ Галерија ќе се одржи меѓународна ликовна изложба „Будење 3“, а во кино „Фросина“ во МКЦ подоцна ќе се обратат градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска, раководителка на канцеларијата на UN Women во Македонија, Весна Ивановиќ-Кастаред, а ќе биде прикажана и авторска монодрама „Дејт“ на Сандра Сијалџев.
Во Кинотеката утре, 9 март, ќе бидат прикажани документарните филмови „HER“ – САД во режија на Хуан Карло Бореро и Мелоди Карли, „The Dark Way“ – Иран во режија на Анахид Давари. Следниот ден ќе има проекција на документарниот филм „Caught in the Net“ – Чешка Република во режија на Вит Клушак и Барбора Чалупова.
Дополнително, во текот на март во Кинотека ќе се одржат проекции на документарниот филм „Caught in the Network“ за ученици од средните училишта на Град Скопје.
„Вечери на женски права“ се организираат во реализација на „Авард филм и видео“ и во партнерство со UN Women и Интернационалниот универзитет ЕУРОПА ПРИМА.б