Македонскиот претставник во Европската ракометна лига, тимот на Еурофарм Пелистер, вечерва на дуелот со АЕК Атина, нема да може да смета на услугите на Мартин Велковски и на Јосип Периќ.
– Повредата на Мартин Велковски е од посериозен карактер, неопходен е оперативен зафат и сезоната за него е завршена. РК Еурофарм Пелистер му посакува брзо закрепнување. Повредата на Јосип Периќ бара задолжително мирување, па тој нема да настапи на натпреварот против АЕК Атина. Медицинскиот тим секојдневно го следи неговото закрепнување, соопштија битолчани.
Голманот Марко Кизиќ најави голема борба со грчкиот тим за освојување на бодовите.
– Ова е многу важен натпревар за нас, бидејќи сè ќе се решава во последната рунда од групната фаза. Го анализиравме ривалот, веќе ни е попознат бидејќи одигравме еден натпревар против нив. Се припремавме добро досега, имаме уште два тренинзи до дуелот и мораме да одиме на победа. АЕК е тактичко добро подготвена екипа, многу се борбени и не се предаваат во ниту еден момент. Имаат голема сплотеност и покажуваат голема борба со многуте искусни играчи. Играат со стил кој ние го анализиравме, не може премногу да се менува од првиот натпревар, како тие, така и ние. Ќе одиме да се надигруваме, па подобриот нека победи. Напорен период е со многу натпревари. Се обидуваме колку што можеме да се одржиме во најдобра физичка форма. Навистина е тешко и напорно, ама го даваме својот максимум за да бидеме спремни за секој натпревар, изјави Кизиќ.
Натпреварот во Битола почнува во 18 часот и 45 минути.
По девет кола во Д-групата, Еурофарм Пелистер е втор со 10 бодови, АЕК е петти со осум освоени бода.