Од почетокот на годината се исчистени околу четири километри отворени одводни канали на територијата на општината Илинден.
Во населеното место Кадино е извршено машинско чистење на каналот Шамак, во должина од 1.200 метри, а на барање на граѓаните на ул. „6“ машински се исчистени канали – ендеци во должина од 350 метри и помошни канали на каналот „Шамак“, во должина од 300 метри. Исто така, во должина од 350 метри машински целосно е исчистен каналот од улица „532“ кон помошниот канал на Главен канал во локалната економска зона Марино-Кадино, а во координација со ЈКП „Илинден“ на улица „500“, во населеното место Марино, рачно е исчистен канал – ендек во должина од 300 метри.
Во тек е чистење на помошните канали на каналот „Азмак“ во населеното место Кадино, при што од предвидените 1.000 метри исчистени се 350 метри. Според предвидената динамика во тек е чистење и на помошните канали на Главен канал во локалната економска зона Марино-Кадино во должина од 1.100 метри, од вкупно предвидените 1.600 метри.
Од почетокот на годината досега се исчистени околу 4.000 метри отворени одводни канали. Водниот надомест за редовното одржување, чистење и нивелирање на отворените одводни канали во име на граѓаните како корисници на овие објекти од јавен интерес го плаќа општината, така што за оваа намена од буџетот на општина Илинден за 2022 година издвоени се средства во висина од 4.205.520 денари.
– Редовното чистење, нивелирање и одржување на отворените одводни канали e еден од приоритетите на општината во насока на овозможување непречен проток на атмосферските води, со цел спречување на настанување поплави и обезбедување на чиста животна средина како еден од условите за квалитетен живот на населението – нагласуваат од локалната самоуправа.