Ден откако потпиша двегодишен договор со францускиот лев бек Руди Сери, македонскиот ракометен вицешампион Еурофарм Пелистер ги засили своите редови за новата сезона и со португалскиот среден бек Вилсон Дејвис.

Искусниот 33-годишен ракометар, како што е соопштено вечерва, потпиша двегодишен договор со битолскиот клуб, почнувајќи од сезоната 2022/23.

Станува збор за ракометар со огромно искуство во францускиот ракометен шампионат, каде што настапува од 2014 година. Дејвис во Битола доаѓа од Иври, а претходно ги носеше дресовите на Нант, Сесон Рен и Данкерк. На почетокот на кариерата Дејвис настапуваше за Спортинг, Ковадонга и Порто.

Новиот среден бек на Еурофарм Пелистер има шест шампионски и една Суперкуп титула во Португалија, а го освои и Лига Купот на Франција со Нант.

За португалската репрезентација настапуваше една деценија, од 2009 до 2019 година. Дејвис (192 сантиметри) ќе биде вториот Португалец во историјата на Еурофарм Пелистер, по Серхио Барош.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/03/2022 04:33