Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска изврши увид во реконструираниот објект на Полициската станица – Карпош во Скопје.

– За објектот на ЕВР Карпош, за чијашто реконструкција и санација беа издвоени 21 милион денари, средства од Буџетот на МВР, можам да констатирам дека сите планирани градежни и градежно занатски работи се завршени навремено и квалитетно. Обновена е старата дотраена кровна конструкција, како и санитарната, водоводната, канализациската и електрична инсталација. Санирана е топлотната инсталација, заедно со извршени надворешни и внатрешни столарски и молерофарбарски активности и надворешно фасадирање на објектот, информираше Спасовски.

Тој посочи дека инфраструктурата на која било институција, пред сè во поглед на нејзината материјална и техничка опременост, стандардизираноста и човечки ресурси е суштински предуслов за нејзино ефикасно и квалитетно работење.

– Динамично тргнавме во процесот на надминување на претходните негативни состојби на овој план со јавно одредена цел, да воспоставиме модерни, инфраструктурни стандарди на функционирање, како на полициските службеници, така и на нивните средства за работа, на нивните објекти и опременост, додаде Спасовски.

Во рамките на овие активности, министерот за внатрешни работи соопшти дека од почетокот на неговиот мандат досега реконструирани или санирани се над 70 полициски објекти.

– Годинава продолжуваме со градежно-реконструктивни активности и на други објекти за кои е проценето дека е неопходно тие да бидат санирани, како што е Центарот за обука во Идризово, Одделот за граѓански работи во Македонската радио-телевизија, нова Полициска станица во Аеродром, при СВР Скопје. Остануваме целосно посветени на нашите зацртани плански активности за севкупно подобрување на стандардите за работа и функционирање на сите организациски единици при МВР, вели Спасовски.

Прашан дали има пријавени Албанци на огласот за прием на обука во Специјалната единица Тигри, министерот информираше дека согласно известувањето од службите, пријавени има од сите националности. Тој додаде дека секој еден кандидат кој ќе ги исполни сите критериуми и стандарди и ќе биде посветен на својата работа, согласно Правилникот пропишан за оваа единица за него ќе претставува голема чест да биде дел од Тигрите.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/03/2022 16:24