Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски денеска оствари средба со директорот на Јавното сообраќајно претпријатие Скопје (ЈСП), Иван Илиевски.
Како што информираат од Општина Кисела Вода, градоначалникот ги посочил проблемите со коишто се соочуват жителите од оваа општина, поврзани со јавниот превоз.
– Соговорниците дискутираа за враќање на одредени автобуски линии, измена во трасата за други, зголемена фреквенција на автобусите и почитување на возниот ред, за сите поплаки и забелешки кои пристигнуваат на адреса на Општина Кисела Вода, а се во надлежност на ова јавно претпријатие, се вели во соопштението.
По средбата, градоначалникот Ѓорѓиевски истакнал дека е од голема важност да се овозможи редовен и квалитетен јавен превоз, особено во овој период кога се покачуваат цените на горивото.
– Дополнително, му пренесов и наидов на позитивен одзив во врска со различните барања од нашите жители за конкретни автобуски линии и заеднички дискутиравме околу можноста за излегување во пресрет, било да се работи за смена на траса, за позачестен возен ред на одредена линија и слични забелешки. Сметам дека во многу скоро време, жителите на општина Кисела Вода ќе ја почувствуваат користа од она кое денес го договаравме со директорот на ова јавно претпријатие, истакна Ѓорѓиевски.