На Скопскиот плански регион му недостигаат повеќе иновативни проекти, проекти за дигитализација, за социјална инклузија, родова еднаквост и заштита на животната средина, рече денеска директорот на Центарот за развој на Скопскиот плански регион, Љупчо Кец Мицковски пред почетокот на циклусот „Форуми на заедницата“.
Форумите се дел од проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој – фаза II“, а нивната цел, како што истакна Мицковски, е номинирање и приоретизирање идеи и концепти за подобрување на стандардот и условите на живеење во Скопскиот плански регион.
Реализацијата на идеите ќе биде преку проекти во две програми: Програмата на Министерството за локална замоуправа вредна 336.000 франци и владината Програма за планските региони, со буџет од 30 милиони денари.
-Ова е транспарентен и партиципативен пристап и начин чинителите на општеството да ги дадат своите приоритети. Очекуваме општините, како директни корисници на средствата, преку своите претставници да обезбедат прироитети за подобрување на стандардот и условите на живеење во Скопскиот плански регион, истакна Мицковски.
Учесниците на денешниот форум меѓу кои се претставници од релевантните министерства, локалната самоуправа и невладиниот сектор, ќе имаат можност да дискутираат за проекти кои ќе придонесат за развој на заедницата и за решавање на проблемите во Скопскиот плански регион.