Ви пишувам по повод објавата во Вашиот медиум на текстот со насловен „Трпковски: Трговски центар во Сопиште е барање и потреба на жителите“. Во него г. Трпковски тенденциозно го спомнува моето име и презиме тврдејќи дека вршам опструкции за изведбата на предвидениот објект кој тој го нарекува Трговски центар.

По тој повод сакам да ги појаснам следните точки:

1. Недозволиво е лице кое е избрано и платено од сите нас граѓаните да ги застапува нашите интереси во општината, флагрантно да го прекрши етичкиот кодекс на право на приватноста и да ме именува со име и со презиме. Ова е на самата граница на кривично дело на прекршувањето на законот за заштита на лични податоци. Но иако не сум наведен со матичен број или со адреса на живеење, од контекстот е јасно каде живеам со моето семејство.

2. Тврдењето дека вршам опструкција според г. Трпковски и дека „сите факти се на страна на општината и на страна на проектот“, е паушално и со намера да го наруши мојот углед и да создаде револт кај жителите кои од оваа изјава може да заклучат дека се оштетени по прашање на трговски центар заради преземањето правни дејства од моја страна. Тоа е евидентно од некои од коментарите на објавениот текст на г. Трпковски. Таму се користат разни омаловажувачки карактеристики за мене, а има и предлог да се иселам. Ова се разбира навлегува во доменот на говор на омраза, која е поттикната од формулацијата на написот на г. Трпковски.

3. Која е целта да се спомне дека јас сум „неодамнешен сограѓанин“ и „нов сограѓанин“? Треба ли да сум дискриминиран заради тоа? Дали моите права треба да важат помалку од оние на „староседелците“? Ваквата терминологија дополнително придонесува да наведе некои читатели на избрзани заклучоци и последователен револт соодветен со истите. Ова е исто така евидентно од некои од коментарите.

4. Судскиот спор е почнат соодветно со загарантираните права на граѓаните на Македонија да ги тужат државните институции доколку сметаат дека нивните права на мирен, спокоен и безбеден живот се загрозени. Г. Трпковски може да има мислење, исто колку што имам право и јас. На судот е да одлучи за фактите. Тврдејќи го спротивното г. Трпковски се става во улога на судија и создава неиздржана претстава. Дел од читателите таа неиздржана претстава за фактите ја зеле здраво за готово и во коментарите настапуваат навивачки па и хулигански. Со тоа г. Трпковски поттикнал нетрпение кон мене што ме прави објективно да се чувствувам загрозен за својата безбедност.

5. Тужбата до управниот суд го содржи аргументите против издаденото одобрение за градење. Патем не се работи само за трговски центар. Сметам дека оваа половична изјава има за цел да ја затскрие целата вистина за предвидениот објект. Се работи за Станбено-деловен објект. Тој предвидува деловен дел, но исто така и зграда со три ламели со над триесет станови за приватно домување. Ќе наведам неколку од вкупните аргументите против градењето на ваков објект:

a. Парцелата за градење на објектот се наоѓа во А1 зона за домување во индивидуални куќи. Законот оваа зона ја става во највисока категорија на заштита. Во оваа зона не би смеело да се гради ништо повисоко од приземје плус два ката. Во овој случај отсуството на Детален урбанистички план е злоупотребено за да се искористи правото на дискреција на органите на Општина Сопиште да издаде одобрение кое оди неколку ката повисоко од околните куќи. Највисоката предвидена точка на објектот е 22 метри. Од ова наводно инвеститорот самостојно решил да гради нешто пониско, но останува фактот дека се работи за објект кој ќе биде околу 18 метри највисока точка и 14 метри најниска точка. Иако ова е само „добра волја“ на инвеститорот. Според законот тој има право да го гради објектот десет години од започнувањето на градењето и ќе има важечко одобрение за максималната висина. Оваа висина трајно ќе ги лиши непосредните соседи од дневна сончева светлина, посебно кога таа е најпотребна, во зимските месеци. Исто така ќе биде нарушена и приватност зашто од становите ќе се гледа директно во дворовите на околните домаќинства.

b. Парцелата каде е предвиден објектот е меѓу два пата. Едниот е регионален, а другиот е создаден со отстапување на приватно земјиште и е во приватна сопственост на триесетина домаќинства. Деловниот објект предвидува голем супермаркет, продавници и ресторани и други услужни дејности. Во зградите ќе има повеќе од триесет станови за домување. Регионалниот пат не смее да се користи за сообраќаен пристап според важечките закони. Приватниот пат е околу 3,5 метри широк, а наместа и само 3 метра. Тековно на него не може да се разминат две возила во спротивна насока. На некои места треба да се вози назад и по 15 метри за да се остави простор за разминување, и тоа во случај на леки коли, а камоли кога се работи за товарни возила. Општина Сопиште, формалното решение за сообраќаен пристап го наоѓа во овој крајно несоодветен пат. Јасно е дека ова не може да биде издржано решение. Дневно ќе треба да се опслужат повеќе од триесет возила за становите, нивни гости, а којзнае колку товарни возила за товар и истовар на роба за супермаркетот и за другите деловни дејности! Имајќи ги предвид примерите од постојните супермаркети, контејнерите и отпадот околу нив ќе биде огромен, а улични кучиња и мачки ќе бидат привлечени да буричкаат во нив. Двете околни градби во Сопиште, а кои се згради со повеќе катови, и без деловна дејност се тажен пример на горливиот проблем на нашето општество. Растурен смет, улични кучиња и мачки со партер оставен во крајно неуредна состојба. Иако ова решение во теорија е легално, тоа никако не може да биде легитимно. Сопиште, а посебно жителите на приватната улица бр. 10 ќе се соочат со невозможна сообраќајна ситуација. Исходот може да има две последици. Постојано да се крши сообраќајното правило и во деловниот објект да се влегува од регионалниот пат, така доведувајќи ги сите учесници во сообраќајот во опасност, или пак фреквенцијата на сообраќај на триметарската улица трајно и драматично да го влоши квалитетот на живот на сите жители. Најверојатно и двете.На кои од овие две решенија сметал инвеститорот или Општина Сопиште?

c. Проблемот со доводот и одводот е голем во Сопиште, но и со електричното напојување. Сѐ уште има домаќинства кои немаат редовно снабдување со вода, а електричната енергија се прекинува далеку почесто од просекот на територија на град Скопје. Предвидениот објект, во ваква нерешена ситуација, овој проблем ќе го влоши. Од ЈП водовод има известување дека тие покриваат многу мал дел од канализацијата на Сопиште. Тековната канализација е крајно несоодветна. За тоа се пример жителите на улица 14, паралено на некои 200 метри под улица 10, кои имаат редовен проблем со излевање на канализацијата во приватни имоти и со миризба која во вистинска смисла на зборот е неподнослива. Дури и со интервенциите и поправките на таа локација, проблемот наскоро пак се јавува, а се остава без санација и се интервенира по протест на жителите.

d. Во тужбата се наведени членови и точки од законот за градење кои се прекршени во процесот на формирањето на Архитектонскиот урбанистички проект, а заради кои тој треба да се укине, а со тоа и самото одобрение за градење.Тоа само по себе би требало да биде доволно за поништување на одобрението за градење.

e. Деловниот објект е ослободен од комунална такса. Инвеститорот со една реченица, без да наведува детали, наведува дека тоа е објект од посебен интерес, барајќи ослободување од комуналии, а Општина Сопиште со исто една реченица тоа го одобрува. На тој начин државниот буџет, поточно буџетот на Општина Сопиште е оштетен за најмалку 43 000 евра. Тоа се средства одземени од сите нас, кои плаќаме придонеси, а кои би биле добредојдени за уредување на крајно слабата инфраструктура во општината. Објекти од посебен интерес сѐ пред се оние во државна сопственост, како училишта и болници и не се наменети за комерцијален профит. Овој објект е на приватно земјиште и инициран од приватен инвеститор. Главната намена е деловна и профитабилна.

Ова се само дел од аргументите но во интерес на просторот и времето на читателите нема да наведувам повеќе. Верувам дека од овие се добива слика за причините и за аргументите заради кои поведов судска постапка против изградбата на станбено – деловен објект насреде зона стриктно предвидена за А1 домување.

Како жител на Сопиште заинтересиран сум за соодветен и одржлив развој во полза на сите жители, како и на граѓаните кои доаѓаат да уживаат во природните погодности на околината. На инвеститорот и на сопствениците на парцелата им посакувам успех соодветен со нивните замисли. Но тоа треба да го остварат без да нанесат непоправлива и трајна штета на другите жители. Парцелата е соодветна за максимална висина на градби од приземје со два ката, а за деловен објект со намена за трговски центар општината треба да земе предвид соодветен простор кој нема на ваков инвазивен начин да го наруши квалитетот на животот на околните домаќинства.

Со почит, д-р Костаке Милков (DPhil, Oxon)

Интегрален текст од коментар пристигнат до редакцијата на Макпрес, во врска со објавен став на Градоначалникот на Општина Сопиште за изградба на трговски центар во оваа општина.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/03/2022 13:31