Американскиот лекар Мајкл Русо на „Тик-ток“ сподели совети за спречување на прејадувањето. Според тоа, главниот трик е – бавно јадење, за хормоналните сигнали на ситост да стигнат до мозокот пред да се изеде премногу.

Прејадувањето е предизвикано од голем број фактори – стрес, други навики или, едноставно – превкусна храна, но може да стане проблем доколку се повторува премногу често. Д-р Мајкл Русо, хирург и експерт за слабеење од САД, вели дека некои луѓе се прејадуваат без да бидат свесни дека го прават тоа. Видеото прегледано 175.000 пати, се обидува да го објасни тоа.

– Прејадувањето се дефинира како консумирање повеќе од еден до 1,5 литри храна – што е волумен на нормален стомак. Вашиот стомак може да се прошири за да создаде простор. Ако јадете премногу брзо, можете да го наполните стомакот пред сигналот на хормонот да стигне до мозокот, појаснува д-р Русо.

Во дигестивниот систем се лачат хормони коишто „му кажуваат“ на мозокот „да престане да јаде“. Се смета дека се потребни околу 20 минути овие сигнали да стигнат до мозокот, но тоа варира од личност до личност.

Според списанието „Харвард хелт“, кога некој јаде пребрзо, нема доволно време за комуникацијата меѓу цревата и мозокот. Ова води кон прејадување и затоа Русо истакнува дека треба „свесно да се одлучи да се јаде побавно“, препорачувајќи поголема самоконтрола.

Има многу други фактори на прејадување. На пример, за луѓето со вишок килограми се верува оти се „поотпорни“ на хормонот лептин – познат како „потиснувач на апетитот“. Понекогаш прејадувањето може да биде и механизам за справување со потешки емоции, па се поврзува со гледање телевизија, „себенаградување“ или минување време со пријателите и семејството.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/03/2022 15:08