Македонската машка ракометна репрезентација попладнево заминува за Букурешт каде утре ја очекува реванш натпреварот против Романија во рамки на полуфиналниот бараж за пласман на Светското првенство 2023.

Македонските ракометари во романската престолнина ќе бранат предност од осум голови разлика (30-22), која со поддршка од 5.000 навивачи и одлична игра во завршните 15 минути ја остварија во четвртокот вечер во салата „Борис Трајковски“ во Скопје.

Капитенот и селектор Кирил Лазаров и се заблагодари на публиката за поддршката и додаде дека „црвено – жолтите“ и покрај високата предност мораат да бидат внимателни на реваншот.

– Голема благодарност до навивачите. Беше прекрасно да се игра пред домашната публика. Романија беше одличен ривал, па можеби конечниот резултат и не е реален, но ракометот се игра 60 минути. Ние имавме фантастични последни 15 минути. За разлика од Европското првенство, сега имавме поголема ротација и тоа беше клучот, изјави Лазаров

Посочи дека треба да бидат претпазливи пред реваншот, познавајќи го (романскиот селектор Чави) Пасквал. – Тој нема да се предаде и сигурно не очекува тежок натпревар во Букурешт, додаде Лазаров.

Реваншот во Букурешт е утре со почетокот во 17 часот, а вкупниот победник во финалниот бараж за пласман на Мундијалот ќе игра против Чешка.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/03/2022 15:56