Денес 21.03.2022 година по повод почетокот на пролетта, градоначалникот на општина Гази Баба Бобан Стефковски беше покровител на настан под мотото Пешачиме за мир, соживот и толеранција. За настанот градоначалникот Стефковски објави на својата официјална страна на фејсбук на која напиша:
По повод почетокот на пролетта општина Гази Баба заедно со здружението на граѓани Грин Спорт и Општинскиот сојуз за училишен спорт Гази Баба организиравме настан под мотото “Пешачиме за мир, соживот и толеранција.”
Без размислување го прифатив проектот за организација на еден ваков настан со цел заедно да испратиме силна порака.
Мирот, соживотот и толеранцијата се три основи на кои треба да се заснова едно општество. Да се има мир значи да немаме конфликт, да се има соживот значи да се почитуваме себеси но да ги почитуваме и другите, да се има толеранција значи да се има целосна почит и разбирање кон другиот, кон нивните идеи и верувања, без разлика дали истите се разликуваат од нашите.
Како градоначалник на општина Гази Баба давам силна поддршка на активностите поврзани со меѓуетничката интеграција во образованието, а во иднина ќе реализираме голем број на настани и активности со кои ќе овозможиме оддржлив начин на заедничкото живеење во нашето мултикултурно и мултиетничко општество.
Покрај пешачењето во парк шумата засадивме и нови садници.
Со засадувањето на новите садници, засадуваме и зрно надеж за понатамошна успешна и плодна соработка помеѓу учениците од различните етнички заедници.
На настанот учествуваа ученици од општинските основни училишта од различни етнички заедници.
Со ова наше заедничко организирање и делување се придонесува за подобрување на меѓусебната интеракција, се стимулира надминувањето на културните бариери, но и почитување на различните етнички заедници. - напиша Стефковски.
На настанот присуствуваа и пратениците во Собранието на Република Македонија Жаклина Пшевска и Зоран Коцевски, претседателот на Советот Дијана Илиевска и членови на Советот на општина Гази Баба.