Актуелниот француски претседател Емануел Макрон останува фаворит во анкетите во пресрет на претседателските избори закажани за два круга – на 10 и 24 април, а според анкетите опаѓа популарноста на кандидатот на крајната десница, Ерик Земур.

За Макрон би гласале околу 28 отсто од гласачите, а за Земур помалку од десет отсто, објавија француските медиуми резултатите од новото истражување на јавното мислење.

За помалку од три недели од првиот круг на изборите за кандидатката на крајната десница Марин Ле Пен, би гласале околу 20 отсто од гласачите, пренесува Бета.

Трет би бил кандидатот на радикалната левица Жан-Лук Меланшон со 14 отсто од гласовите, а неговата популарност е во пораст во последните недели.

Десничарскиот кандидат Валерис Пекресе, кој до неодамна се сметаше за сериозен противник на Макрон, би освоил 11 отсто од гласовите, додека Земур би освоил девет отсто, објави француската онлајн телевизија BFMTV.

Новите истражувања покажуваат дека ситуацијата би можела да се повтори како и на претходните избори одржани во 2017 година. Тогаш во вториот круг влегоа Макрон и Ле Пен. Макрон може, како и пред пет години, да победи убедливо во вториот круг од изборите.

Според „Монд“, падот на популарноста на Земур се случи деновиве поради тужбата на шест здруженија против хомофобијата. Тие сметаат дека кандидатот на крајната десница ја негира депортацијата на хомосексуалците за време на Втората светска војна, бидејќи во својата последна книга напиша дека депортацијата на луѓе со различна сексуална ориентација е само приказна.

Земур е помалку популарен од почетокот на руската инвазија на Украина, и поради претходните позитивни ставови за рускиот претседател Владимир Путин и поради неубедливиот став за прифаќање на украинските бегалци. Земур често беше гонет за контроверзни изјави. Тој беше осуден во 2011 година за поттикнување расна дискриминација, а во 2018 година за поттикнување омраза против муслиманите.

Според француските медиуми, овој пад на популарноста е во корист на Мари Ле Пен, која се повеќе добива на популарност.

Останатите кандидати за претседателските избори би добиле околу пет отсто од гласовите, додека меѓу најлошо рангираните е кандидатот на левицата, градоначалничката на Париз, Ан Идалго. Таа, како и Валери Пекрес, сметаше на освежување за Франција да ја води жена.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/03/2022 16:26