Во организација на Балканската билјард асоцијација викендов во Скопје се одржува првиот билијард турнир од трите предвидени во рамките на Јужната балканска лига.
Како што соопштија од Билијард федерација, за сите турнири е предвидено да се игра дисциплината „9 BALL“ како најатрактивна од сите билјард дисциплини на глобално ниво. Дуелите пред осминафиналето се играат според правилото „Прв до 7“, а последните 16 играчи завршните мечеви ќе ги играат според „Прв до 9“,
На турнирот учествуваат повеќе од 70 играчи од сите соседни земји, предводени од 30 учесници од нашата држава.
Северна Македонија ќе ја предводат победниците од досега одржаните национални првенства Дејан Сипковски и Флорим Мемеди, додека од Србија дојде Бојана Шарац, која воедно е европски младински вице-шампион во својата конкуренција. Меѓу другите гости од регионот се Едмонд Заја од Албанија, Лабинот Маркај од Косово и Станислав Милев од Бугарија.
Најдобро пласираните играчи во генералниот пласман ќе обезбедат учество на престижната „Best of the East“ серија, како и право на настап на елитната серија турнири „Euro Tour“.
– Преку десет регионални федерации се обединија и се заложија да создадат систем на натпревари кој ќе овозможи повисок квалитет од националните првенства, а воедно ќе биде одлична подготовка за најдобрите поединци пред да влезат во системот на највисоките европски натпреварувања. На овој начин се овозможува на едноставен и ефтин начин да се настапи на квалитетен турнир, за разлика од големите настани каде што со бавната агенда најчесто се троши многу време во престој, што пак повлекува големи трошоци и за сместувањето, покрај патните трошоци, изјави претседателот на македонската билијард асоцијација, Димитрие Маневски.
Маневски напомена дека првото скалило е Јужната, односно Северната балканска лига, кои на крајот годината ќе имаат свој „мастерс“.
-Освен што овие турнири се интересни за играчите поради повисокиот награден фонд, воедно од сите турнири се издвојува износ во висина од 25 отсто од сумата на собрана од уписнини, за да се организира камп за младинци од сите балкански земји кои се иднината на овој спорт. Според овој концепт четири младинци од Македонија ќе се најдат на тој камп и ќе можат да се усовршуваат заедно со другите таленти од регионот, додаде Маневски.
Сите натпревари се играат во најдобрата македонска арена за спортови со штека, „Гран Клуб“ во Скопје, а воедно се пренесуваат во живо на платформата „billiardon.com“, со што овозможува сите љубители на билјардот да уживаат во играта на најдобрите балкански играчи. Заради актуелните рестрикции предизвикани од пандемијата со КОВИД 19, не e дозволено присуство на публика.