Општина Гази Баба во соработка со Здружението на граѓани „Treebanks“, ЈП „Национални шуми“, Шумарскиот факултет и Јавното комунално претпријатие „Гази Баба 2007“, денеска организира акција за пошумување на дел од падините на Скопска Црна Гора во месноста наречена Сарачево, во непосредна близина на населено место Раштак.

Во акцијата, како што информира Општина Гази Баба, планирано е да се засадат 3200 садници, јасен и багрем. Овие типови на садници се препорачани од стручните лица од Шумарскиот факултет, а се согласно Студијата за заштита од ерозија на Скопска Црна Гора.

-Оваа иницијална акција е само почеток на поголем проект со крајна цел озеленување и пошумување на цело ерозивно подрачје на територија на Општина Гази Баба. Со тоа се спречува уништувањето на квалитетната почва за земјоделството на пониските терени со наноси од ерозивните подрачја, се зголемува зелениот фонд на општината и значително се влијае на подобрување на квалитетот на животната средина, се наведува во соопштението.

Во акцијата најавено е дека ќе учествуваат повеќе општествено одговорни правни субјекти на територија на Општина Гази Баба.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/03/2022 11:19