Повеќе наредби, меѓу кои и наредба за анализа на примероци од крв и урина на учесниците во сообраќајната несреќа, за технички преглед на возилата и сообраќајно вештачење, издаде дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кавадарци, кој изврши увид на патот Росоман-Кавадарци, на мостот на Црна Река, каде утрово се случи сообраќајна несреќа меѓу трактор и комбе наменето за транспорт на леб од Скопје за Кавадарци.
Како што информираат од Јавното обвинителство, според првичните сознанија, до несреќата дошло во момент кога тракторот и комбето се движеле во ист правец, еден зад друг.
– Притоа возачот на комбето удрил во задниот дел од тракторот, го дестабилизирал и тој излетал од патот. Во несреќата возачот на тракторот на возраст од 69 години се здобил со тешки животозагрозувачки повреди и е пренесен на лекување на скопските клиники, додека 27-годишниот возач на комбето се здобил со телесни повреди, наведуваат од ЈО.