Гостиварската полиција приведе две лица и расчисти серија на тешки кражби, во кои пленот бил со вредност од над два милиони денари. За кражбите се осомничени двете лица, кои „работеле“ во тандем и провалувале во продавници и обложувалници.

Според СВР Тетово, Надворешна канцеларија за криминалистички работи – Гостивар целосно расчисти осум тешки кражби за кои се осомничени Љ.С. (39) од гостиварското село Чегране и И.С. (35) од гостиварско Форино.

Двајцата биле лишени од слобода вчера во 3 часот и 45 минути, односно во 12 часот и 50 минути во Гостивар и Форино. Во текот на активностите за расветлување на случаите кои биле регистрирани минатата и оваа година, биле обезбедени докази дека осомничените со употреба на сила и разновиден алат влегувале во спортски обложувалници, маркети и продавници за мобилни телефони во Гостивар. Покрај парични средства, одзеле технички апарати и други предмети, при што противправно се стекнале со вкупна имотна корист од околу сва милиони денари.

Наскоро на Љ.С. и И.С. ќе им биде изготвен соодветен поднесок за сторено дело „тешка кражба“ по член 236 од Кривичниот законик.



Автор: Администратор
Објавено на: 31/03/2022 13:37