Францускиот актер Жерар Депардје, кој покрај француското има и руско државјанство и кој важи за близок до Владимир Путин, во соопштение за медиумите ги осудува „лудите неприфатливи ексцеси“ на рускиот претседател, најавувајќи дека сите приходи од неговите три концерти закажани за почетокот на април во Театарот на Шанзелизе ќе бидат наменети за украинските жртви, јави дописникот на МИА.

– Рускиот народ не е одговорен за лудите и неприфатливи ексцеси на нивните лидери како Владимир Путин, напиша ѕвездата што во минатото го фалеше рускиот претседател.

Тој треба да настапи од 1. до 3 април во Театарот на Шанзелизе во Париз, каде што ќе пее преработени песни.

– Сите приходи од трите концерти што ќе ги одржам ќе бидат наменети за украинските жртви на оваа трагична братоубиствена војна, додаде глумецот во изјавата. Отсекогаш сум имал единствена склоност кон рускиот народ толку добро опишана од Достоевски, Толстој, Гогољ, Пастернак и многу други уметници… Чајковски, Прокофјев, Шостакович, подвлече тој.

На 1 март, Жерар Депардје веќе повика „да се престане со оружјето и да се преговара“, на шестиот ден од руската инвазија на Украина.

– Русија и Украина отсекогаш биле братски земји. Јас сум против оваа братоубиствена војна. Јас велам: „Стоп за оружјето и преговарајте!“, истакна тој.

„Џинот“ на француската кинематографија доби и руски пасош во јануари 2013 година, по несогласувањата за даночната политика на претседателот Франсоа Оланд. – Сметам дека е нормално да плаќам, но не и на идиоти кои мислат дека прават добро, велеше тој тогаш.

Оттогаш, Жерар Депардје никогаш не престана да ја фали својата нова татковина – Русија, „голема демократија“, но и рускиот преттседател Владимир Путин, кого особено го споредуваше со папата Јован Павле Втори.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/04/2022 12:05