Традиционалната хуманитарната акција „Волшебно велигденско дрво“ од денеска до 19 април ќе се одржува во „Рамстор мол“ по повод Велигден. Наменета е за корисниците од Дневниот центар за лица со церебрална парализа и Дневен центар за лица со интелектуална попреченост над 18 години „Пролет“.

Граѓаните ќе имаат можност да одберат едно или повеќе хартиени велигденски јајца од „Волшебното велигденско дрво“, на кое се напишани желбите на корисниците од Дневниот центар за лица со церебрална парализа и Дневниот центар за лица со интелектуална попреченост над 18 години „Пролет“ и да исполат нечија желба.

Организатори на акцијата се Црвениот крст на Град Скопје и „Рамстор Mол“ во соработка со Меѓуопштинскиот центар за социјални работи на Град Скопје, а со поддршка на Комерцијална банка АД Скопје. Организаторите ги повикуваат сите граѓани и општествено одговорни компании да се вклучат во оваа акција.

На 20 април во „Рамстор мол“ сите собрани подароци ќе им се доделат на корисниците од Дневниот центар за лица со церебрална парализа и Дневниот центар за лица со интелектуална попреченост над 18 години „Пролет“.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/04/2022 13:09