Во текот на претстојниот викенд ќе биде финализирана акцијата за пролетно генерално чистење на скопската општина Аеродром што ја спроведуваат Градот Скопје и јавните градски претпријатија.
Во рамките на акцијата, екипите ЈП Комунална хигиена-Скопје досега расчистија две поголеми диви депонии во оваа општина лоцирани на улицата 1619 и во реонот под Железничкиот мост, при што беа подигнати и транспортирани вкупно 126 кубни метри отпад. Во текот на денешниот ден ќе се врши отстранување на три помали диви депонии лоцирани во близина на Транспортниот центар и на улицата Бојмија.
Претпријатието континуирано врши и рачно и машинско метење и миење на булеварите и улиците, како и миење и дезинфекција на контејнерите и нивните микролокации.
Од почетокот на акцијата, во специјалните садови што ги постави ЈП Комунална хигиена-Скопје се одложени приближно 100 кубни метри кабаст отпад што во текот на викендов ќе бидат транспортирани од страна на екипите на Претпријатието.