Хелсиншкиот комитет за човекови права и Македонското здружение на млади правници спровеле ненајавена посета на ЈУ Завод за рехабилитација на деца и младинци во Топанско поле, Скопје, при што констатирале дека нема неправилности во работата на овој Завод.

Посетата, како што информираат од Хелсиншкиот комитет, била спроведена на 7 април поради известување во јавноста од страна на вработена во заводот, која информирала дека постојат низа неправилности во работењето на установата, несоодветна грижа на корисниците, како и несоодветни услови за работа на вработените.

-Јавноста беше информирана дека на корисниците им е забранет влез во сите простории на установата. Просториите за активности на корисниците се ‘узурпирани’ од страна на вработените, поради што тие немаат никаква просторија за престој. Понатаму, во известувањето беше наведено дека корисниците немаат пристап до тоалетите, поради што своите физиолошки потреби се принудени да ги извршуваат во трпезаријата, која е единствен простор во кој корисниците можат да го поминуваат своето време.За време на посетата, претставници од Хелсиншкиот комитет и Македонското здружение на млади правници ги посетија просториите во кои корисниците го поминуваат своето време и спроведоа разговор со директорот на установата и останатите вработени. Од посетата, беше забележано дека во дел од просториите, во кои корисниците имаат индивидуални и групни активности, се направени значителни реконструкции со што се задоволуваат потребните услови. Просториите беа уредни и со задоволително ниво на хигиена. Корисниците имаат пристап до тоалетите, а во моментот на посетата само еден корисник беше присутен во трпезаријата, велат од Хелсиншкиот комитет.

Додаваат дека во ЈУ Завод за рехабилитација на деца и младинци има вкупно 29 интернатски корисници и 30 корисници кои ги користат услугите на дневниот центар. Вкупно вработени лица во установата има 54, иако според најновиот акт на систематизација се предвидени 85 вработувања. Дефицит на кадар има и тоа за: психолог, правник, хаусмајстор…

Директорот на установата го информирал тимот на Хелсиншкиот комитет дека корисниците своето време го поминуваат во работниот центар каде може да се занимаат со столарство, во делот за дневен престој, како и во делот од установата кој е реконструиран и каде тие може да имаат различни активности со вработените во установата. За изнесените наводи на вработената дека таа и корисниците биле прскани со отровни средства, директорот на установата појасни дека станувало збор за акција на дезинсекција на установата, поради што сите вработени и корисници биле принудени да ги напуштат просториите.

При крајот на месец мај, велат од Хелсиншкиот комитет, се очекува да бидат отворени и две станбени единици во кои би биле преместени околу 10 корисници.

Од Хелсиншкиот комитет за човекови права и Македонското здружение на млади правници најавуваат дека и во иднина ќе продолжат да спроведуваат посети во ЈУ Завод за рехабилитација на деца и младинци, со цел заштита на правата и потребите на корисниците во оваа установа.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/04/2022 11:35