Милијардерот Илон Маск се соочува со тужба во врска со купувањето повеќе од девет отсто од акциите на социјалната платформа Твитер, јави ДПА.
Со таа трансакција тој стана најголем надворешен акционер во компанијата, чии акции веднаш по објавувањето на информацијата за купувањето поскапеа за повеќе од 27 отсто.
Сега Маск се соочува со колективна тужба што против него ја покренаа инвеститорите, кои тврдат дека задоцнетото обелоденување на неговиот удел во платформата оштетил некои од акционерите, а на Маск му донело заработка од околу 143 милиони долари.
Согласно правната процедура поднесена пред судот во Њујорк, Маск требало да ја извести Комисијата за хартии од вредност во рок од десет дена или најдоцна до 24 март дека купил повеќе од пет проценти од акциите во Твитер, појаснува германската агенција.
Во тужбата се наведува дека Маск не ја известил Комисијата до 4 април, период во кој успеал да купи повеќе од девет отсто од акциите, што според обвинувањето му овозможило да купува акции по пониска цена се до објавувањето.
На тој наин биле обесправени инвеститорите кои продавале акции во односниот период.
Маск досега не се има произнесено по тужбата, јави ДПА.
Твитер на 5 април објави дека Маск ќе биде дел од Одборот на директори на компанијата, но во неделата главниот извршен директор на компанијата Параг Агравал ги отфрли таквите информации соопштувајќи рече дека Маск воопшто нема да биде дел од Одборот.