Мерка притвор во траење од 30 дена му е одредена на 59-годишен тетовец, откако вчера кај него беше најдена дрога.

Основното јавно обвинителство Тетово донело Наредба за спроведување истражна постапка против 59-годишен тетовец за кого постои основано сомнение дека сторил кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ согласно член 215 став 1 од Кривичниот законик.

-На 13 април, при претрес во домот на осомниченит на улицата „Железничка“ во Тетово, полицијата пронашла вкупно 486,82 грама хероин, потоа 118,91 грама кокаин, како и 19 пакувања метадон раствор и дигитална вага со остатоци од наркотична дрога. Дрогата била спакувана во повеќе помали пакувања и скриена под работната маса во кујната. Кај осомничениот биле пронајдени и парични средства – дански круни, швајцарски франци и евра за кои постои сомнение дека биле стекнати со илегална трговија со дрога, се наведува во соопштението од Обвинителството.

Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Тетово доставил предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице, бидејќи постои опасност од бегство, можност за влијание врз сведоци и можност да го повтори делото. Судијата го прифатил предлогот и на осомничениот му определил притвор во траење од 30 дена.​​



Автор: Администратор
Објавено на: 15/04/2022 11:54