Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Гостивар донесе наредба за спроведување истражна постапка против две лица од селото Калиште, на возраст од 40 и 43 години, осомничени за кривичното дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ од член 215 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик.
Двајцата соизвршители на 12 април во вечерните часови биле затекнати во близина на основното училиште во гостиварското село Зубовце, при што по извршениот личен преглед полициски службеници кај првоосомничениот пронашле 12 помали пакувања кокаин со вкупна нето маса од 4,83 грама, додека кај второосомничениот биле откриени две пакувања со вкупно 0,77 грама кокаин, се наведува во денешното соопштение од Jавно обвинителство.
– Бидејќи постои опасност осомничените да се дадат во бегство, да влијаат врз сведоците или да го повторат делото, јавниот обвинител до Основниот суд Гостивар достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени, се додава во соопштението.