Гигантот меѓу социјалните мрежи, „Твитер“ воведе план за ограничување на потенцијалниот удел на милијардерот претприемач Илон Маск во компанијата, откако тој даде необврзувачка понуда од 43 милијарди долари за купување на целата компанија.
Одговарајќи на понудата на Маск, одборот на „Твитер“ усвои план за правата на акционерите со ограничено времетраење, наречен „отровно апче“ („poison pill“) што го ограничува Маск и околу зголемувањето на својот удел на 15 отсто. Милијардерот веќе поседува повеќе од 9 отсто од акциите на „Твитер“.
„Одборот го усвои планот за правата по неочекуваниот и необврзувачки предлог за преземање на Твитер“, се вели во соопштението на компанијата.
Планот важи до 14 април 2023 година. Инаку, целта е да се намали веројатноста – кој било ентитет, лице или група да добие контрола на Твитер без да им плати на сите акционери соодветна премиум-контрола или без да му обезбеди доволно време на одборот да расудува врз основа на сите факти и да преземе активности кои се во најдобар интерес на акционерите, соопшти „Твитер“.
Фирмата извести дека планот за правата не го спречува одборот да преговара со други засегнати страни или да прифати предлог за купување, доколку одборот смета дека тоа е во интерес на „Твитер“ и неговите акционери. Според овој план, правата ќе станат остварливи доколку ентитетот, лицето или групата стекнат право на сопственост од 15 отсто или повеќе во трансакција што не е одобрена од одборот.