Секторот за внатрешни работи Тетово од денеска почна со практична реализација на превентивно-едукативниот проект „Превенција од тешки кражби“, чиј носител е Отсекот за превенција, а кој на тетовско подрачје континуирано се спроведува веќе десетина години. Со проектот се планира да бидат опфатени вкупно 26 граѓански советодавни групи, односно урбани и месни заедници на подрачјето.

Целта на проектот е да се подигне свеста на граѓаните да соработуваат со полицијата во спречување на можните кражби и во откривање и санкционирање на извршителите

-Пред нивните жители, на посебни средби стручно обучени полициски службеници поблиску ќе информираат како најбрзо и најефикасно да ги превенираат кражбите, посебно за време на празници, семејни свечености, годишни одмори или при подолги отсуства на сопственицина на куќи, станови или деловни објекти. Со граѓаните, исто така, ќе бидат споделени искуства – како и што да прават доколку забележат сомнителни лица во близина на објектите, да не ги оставаат незаклучени вратите и подотворени прозорците, но и да не поставуваат на социјалните мрежи фотографии и информации дека моментно не се во домовите, изјави Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.

На оние кои имаат финансиски и други можности ќе им се советува да обезбедат и постават заштитна алармна или друг вид опрема, со цел најбрзо да се реагира при евентуален обид за провалување во објектите.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/04/2022 11:27