Емилија Ангелова, советничката во градот Скопје на денешната седница на Советот, говореше за одлуката за меѓу општинска соработка донесена помеѓу градот Скопје и општина Бутел, одлука со која ќе се реконструира улицата ,,Скоевска” во населба Радишани.

Ангелова рече дека ова е најголема улица во Радишани која е направена во 1982 година и е улица која ги поврзува првиот и вториот крак, поминува низ целата населба и е нејзина главна артерија.

- На оваа улица, последен пред 12 години сменети се само ивичњаци и тротоари и од тогаш нема направено никаква поправка, реконструкција и слично. Пропадната е, има дупки, небезбедна е за сообраќај а низ неа поминуваат многу жители од улицата, вклучувајќи ги и оние кои живеат во зградите каде што поминува оваа улица. Врз основа на сето ова и поради грижата за безбедноста на граѓаните на Скопје, на општина Бутел, населба Радишани, направена е проценка од страна на изработувач на проектната документација и констатирано е дека за реконструкција на улицата ,,Скоевска” потребни се 23.946.455 денари со вклучен ДДВ за реконструкција на 1800 метри од улицата и 4-те краци. За реализација на оваа реконструкција на улицата, градот Скопје ќе распише јавна набавка за избор за најповолен изведувач. Во однос на сето ова, ја поздравувам и позитивно ја оценувам оваа одлука за меѓу општинска соработка, а сѐ во интерес за доброто на граѓаните на општина Бутел, населбата Радишани – рече Ангелова.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/04/2022 14:55