Директорот на ЈП Водовод и канализација – Скопје, Златко Перински денес изврши увид на работните активности за реконструкција на фекалната канализација по дел од ул. 14-ти Декември, односно делницата од крстосницата со ул. Димо Хаџи Димов до крстосницата со ул.Христо Татарчев.

Реализацијата на овој проект се однесува на реконструкција на постоечка фекалноканализациона мрежа која не ги задоволува потребите на граѓаните во овој дел од општината. Со цел да се обезбеди квалитетно одведување на фекалните отпадни води од овој локалитет, ЈП Водовод и канализација- Скопје превзема активности за проектирање и изведба на фекална канализација со дијаметар на полипропиленска цевка од 300мм на ул.14-ти Декември и шахти со вкупна должина од 307 метри.

Со изведбата на фекалната канализација на улица14-ти Декември, која ќе се приклучи на постоечката фекална канализација со дијаметар на цевка од 300мм на ул.Христо Татарчев, ќе се создадат услови за правилно приклучување на постоечките и на новоизградените објекти на дел од улицата Димо Хаџи Димов и 14-ти Декември, а ќе се подобрат и условите за непречено одведување на фекалните отпадни води.

Вкупната инвестиција на ЈП Водовод и канализација – Скопје за реализација на овој проект изнесува 4.157.200,00 ден со ДДВ, а изведувач на работите е компанијата Вардарградба доо.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/04/2022 13:10