Роботите кои можат да ги заменат готвачите во одреден дел од готвењето се релативна новина на пазарот. Тоа се претежно роботи коишто работат по даден рецепт и со програмирани количини храна и зачини.

Научници од Универзитетот Кембриџ, во соработка со производителот на апарати за домаќинство „Беко“, создадоа роботски готвач што може да готви, но и да го вкуси и подобри јадењето доколку е потребно.

Роботската рака, инаку дизајнирана за додавање храна и мешање јадења, во овој случај е претворена во „роботски јазик“. Машината, која претходно беше прилагодена да прави омлети, сега може да се обиде и да утврди дали готвеното јадење е доволно солено – преку потези кои имитираат човечко џвакање. Имено, вкусот на храната се менува додека се џвака, па целосна перцепција на вкусот може да се добие само ако се симулира овој процес… Роботот ја мери количината сол во садот, а потоа ќе треба и „да џвака“ за да измери колку е солена. Врз основа на добиените резултати ќе се даде оценка т.е. добиеното јадење ќе се спореди со идеалниот вкус што го одредуваат професионални дегустатори.

Иноваторите веруваат дека ова ќе ги подобри роботските процеси на готвење за храната да биде навистина каква што треба, односно полесно да се прилагоди на различни вкусови.

Од технолошка гледна точка, ова не е голем предизвик. Роботската рака е опремена со сензор кој ја мери соленоста на храната и е програмиран да ја испитува порцијата на неколку места. Читањето трае само неколку секунди, а резултатот може да се искористи за промена на оригиналниот рецепт и подобрување на вештините за готвење на роботите.

Во иднина, според „Беко“ и Кембриџ, на таквите роботи треба да им се даде функција да оценуваат и слатка или мрсна храна, т.е. да го прошират опсегот на вкусови за проценка.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/05/2022 10:01