Личната хигиена, редовното миење на рацете, држењето растојание – се единствената заштита од секаков вид хепатитис, па и од новиот, непознат, којшто се шири во Европа. Новата болест го напаѓа црниот дроб кај децата, па тешко е да се избегне, бидејќи се пренесува преку течности, т.е. капки во воздухот, а кај најмладите, превентивните мерки се речиси невозможни.

Сомнежот за првиот случај на новиот тип хепатитис, во нашето соседство, е забележан во Србија, кај деветгодишно девојче, во Институтот за мајки и деца „Д-р Вукан Чупиќ“ во Белград.

– Децата мора да ја прифатат личната хигиена како нешто вообичаено, секојдневно и да научат да се грижат без предупредувања од возрасните. За време на пандемијата моравме да бидеме на дистанца, бидејќи Ковид се пренесува преку контакт – истото важи и за аденовирусите. Сепак, тешко е да се контролираат децата да не се доближуваат едно до друго додека зборуваат и си играат, и да ги следиме за редовно да ги мијат рацете кога се на училиште или каде било вон домот. Родителите треба да ги предупредат и да им објаснат дека не смеат да пијат од иста чаша и дека најдобро е да јадат домашна храна, а не купена. После сѐ тоа што децата го преживеаја при пандемијата, сега би било навистина болно да ги принудиме повторно да носат маски поради аденовирусот, но некако мора да држат растојание, објаснува д-р Драган Делиќ, инфектолог-хепатолог при Клиниката за инфективни болести во Белград.

Лекарите предупредуваат дека овој вирус се пренесува и преку вода.

– Овој вирус може да се пренесе и во базен, па затоа е важно најмладите таа вода воопшто да не ја голтаат при капење. Во базените се пренесуваат бројни вируси – најчесто стомачни вируси, а тоа веќе го знаат повозрасните деца. Одговорноста е и на оние кои ги одржуваат базените – треба редовно да се чистат, хлорираат и слично. Новиот вирус на хепатитис не може сосем да се спречи, но може да ги отстраниме сите познати опасности, нагласува д-р Делиќ.

Тој вели и дека ова не е време за паника, туку – за претпазливост.

– Не треба да се паничи, бидејќи ова не е првпат кај децата да се појавува хепатитис од непозната причина. Многу вируси го оштетуваат црниот дроб, па ова не е единствениот. Сѐ уште имаме причина да се грижиме и да внимаваме, но доколку ги следиме сите совети за превенција, нема опасност од масовно ширење на заболувањето, изјави докторот.

Можно е овој вид хепатитис да се пренесува и преку храна.

– Така се шири хепатитисот А, односно заразната жолтица, а најзагрозени се децата со хронични заболувања. Затоа децата мора да внимаваат што и каде јадат, поточно родителите да се погрижат за тоа и да имаат увид во исхраната кај своите деца, се надоврза д-р Недељко Радловиќ, педијатриски гастроентерохепатолог.

Новиот тип хепатитис досега е забележан во Ирска, САД, Израел, Холандија, Шпанија, Данска, Италија, Норвешка, Франција, Белгија, Романија, Јапонија, Канада… Болеста особено го погодува црниот дроб кај децата.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/05/2022 11:51