Општина Ѓорче Петров во соработка со „Пакомак“, „Пивара“-Скопје и МЕН ЕНД МАУНТЕН успешно ја спроведе првата голема еколошка акција „Генералка викенд“ која се одвиваше на три локации.

Се собираше смет, пластика и хартија. За отпадот правилно да биде селектриран и дистрибуиран на соодветни места ќе се погрижи „Пакомак“.

Во акцијата се вклучија граѓаните, администрацијата, како и училиштата на територија на општина Ѓорче Петров. На локалитетот кај Јурија беа исчистени околните места кај социјалните згради, детските игралишта како и насипот крај реката Вардар во должина од 2 километри.

– Ако сакаме младите да живеат тука треба да им дадеме добар пример и причина како повозрасна генерација, да им овозможиме и таква средина. Ја остваривме целта да ги вклучиме сите генерации, повеќе општествени групи и со тоа да ја подигнеме свеста кај граѓаните. Се заложивме да ја подобриме еко сликата во Ѓорче. На ваков начин продолжуваме да ја реализираме платформата „Ѓорче безџ отпад“ што е дел од нашата долгорочна стратегија за одржлив развој, а истовремено придонесуваме и за доброто на целата заедница – истакна градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски по завршувањето на денешната акција.

Со секои 10 килограми отпад се придонесува во засадувањето нови пристапни шуми “СОНЧЕВА ГОРА” – национални зелени споменици што ќе бидат засадени во соодветно време од годината.

Акцијата продолжува и утре во 10 часот на локалитет „Крст“ во Кучково. Општина Ѓорче Петров ги повикува граѓаните масовно да се придружат и заеднички да придонесеме за здрава и зелена животна средина за сите.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/05/2022 15:53