Со учество на 75 учесници, момчиња и девојчиња на возраст од 7 до 16 години од земјата и странство, од 19 до 24 јуни во хотелскиот комплекс „Аквалина“ на брегот на Охридското Езеро ќе се реализира првото издание на ракометниот камп „40х20“, како дел од проектот „Ракомет за секое дете“.

Како што информираат КМГ Груп Спорт, кампот опфаќа сегментирани тренинзи за посебни групи на деца поделени по возраст и пол, индивидуални тренинзи за надградба на ракометари/ки од 13 до 16-годишна возраст, часови по пливање, едукативни предавања во дел на спортска психологија и начин на исхрана за спортисти, многу дружење и забава.

Кампот е предводен од едуцирани тренери специјализирани за работа со деца од најмала возраст, тренери со највисоки Мастер-коуч лиценца за ракометари/ки кои имаат потреба од надградба и професори по психологија и спортска медицина, нутриционисти за комплетирање на секој спортист во комплетна личност.

Покрај тренинзи, во својата програма кампот предвидува и предавања од спортска психологија на тема комуникација и социјализација во спортот, изградба на личноста во спортот и мотивација.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/05/2022 12:15