Американскиот милијардер Илон Маск во понеделникот го уверил европскиот комесар за внатрешен пазар Тиери Бретон дека има намера да ја почитува регулативата на ЕУ што ја уредува дигиталната сфера.

„Се согласувам со се што изнесовте, сметам дека сме на исто мислење“, објави Маск преку Твитер“, после средбата со Бретон воочи разговорите ЕУ – САД за координирање на регулативата во информатичката индустрија.

Одлуката на Маск да ја купи платформата „Твитер“ предизвика загриженост во ЕУ за можни злоупотреби и појави на дезинформации и објавување штетни содржини во услови кога компанијата е сопственост на приватно лице.

Бретон сепак не гледа проблеми во спроведувањето на регулативата, независно што компанијата е во раце на еден сопственик.

„Секоја компанија во ЕУ ќе мора да ја почитува нашата регулатива, тоа е едноставно така“, изјави Бретон минатиот месец, алудирајќи на неодамна донесениот Закон за дигитални услуги (DSA), кој ги уредува одговорностите за технолошките и интернет-компаниите и предвидува построг надзор врз онлајн-платформите.

За правните субјекти што нема да ги почитуваат новите правила предвидени се високи парични казни што би можеле да изнесуваат и до шест проценти од вкупниот годишниот промет на компанијата.

Управниот одбор на „Твитер“ минатиот месец ја прифати понудата на Маск за купување на социјалната платформа за 44 милијарди долари. Трансакцијата на сопствеништвото се очекува да биде завршена до крајот на годината, за што е неопходна согласност на акционерите во компанијата.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/05/2022 11:50