Ја отворивме целосно реновираната спортска сала во ООУ „Невена Георгиева Дуња”, инвестиција вредна 4 милиони денари

Заедно со сопственикот на ,,Адора Инженеринг”, Ванчо Чифлиганец и ракометарот Борко Ристовски денес ја пресековме лентата и ја пуштивме во употреба целосно реновираната спортска сала од ООУ „Невена Георгиева Дуња”.

Се работи за инвестиција во вредност од околу 4 милиони денари кои се искористија за темелна реконструкција на руинираниот објект изграден по катастрофалниот земјотрес.

Спортската сала на ООУ „Невена Георгиева Дуња” за нешто помалку од 3 месеци претрпе сериозна реконструкција за децата, за разлика од минатото, да имаат далеку подобри услови за спортување.

Инаку оваа сала е изградена непосредно после земјотресот и во истата, изминативе 60 години не беше вложено буквално ништо. Бидејќи општината не можеше сама да го направи овој финансиски чекор, сакам да се заблагодарам на компанијата АДОРА ИНЖЕНЕРИНГ и нејзиниот сопственик Ванчо Чифлиганец кои се приклучија во цела оваа работа за денес да добиеме ваков убав, нов спортски бисер во Кисела Вода кој ќе го користат младите генерации. За нив сме должни да создаваме подобри услови за живот и подобра иднина.

Во училишната спортска сала е извршена целосна термоенергетска обнова на ѕидовите. На подот кој има површина од 430 квадратни метри е поставен паркет.

Целосно е променета електричната инсталација и осветлувањето, саниран е и системот за вентилација.

Соблекувалните и помошните простории се варосани и обложени со плочки, а променета е и влезната врата.

Санација претрпе и постоечката кровна покривка.

Спортските реквизити беа санирани и репарирани, а извршено е дополнување со нови.

На барање на општина Кисела Вода, БЕГ постави нов приклучок со потстаница, со што салата доби и парно греење.

Концептот на покажување општествена одговорност токму ова го подразбира - кога помошта се дава на вистинското место и во вистинскиот момент.

Благодарница на Ванчо Чифлиганец - АДОРА ИНЖЕНЕРИНГ, заради финансиската поддршка при реализацијата на овој проект и голманот Борко Ристовски за континуираната поддршка на развојот на спортот во општина Кисела Вода.

На настанот присуствуваа и познатиот ракометар Аце Станковски и судијата Ѓорѓи Начевски.

По свеченото отворање, во салата влегоа основците од ООУ „Невена Георгиева-Дуња" кои во ведра атмосфера, го одржаа часот по физичко заедно со нас.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/05/2022 14:58