ЈУ Детски културен центар „Карпош“ денеска организира манифестација „Цртање на асфалт“, во која учествуваат најмалите, односно децата од сите градинки од Скопје и околината.

Манифестација, како што информираат од Детски културен центар, е посветена на денот на македонските просветители Св.Кирил и Методиј, кои се едни од најзначајните личности во македонската историја.

ДКЦ Карпош за манифестацијата ќе обезбеди материјали за цртање (креди во боја), ќе организира пригодна програма, како и запознавање на децата за значењето и одбележувањето на овој голем ден како празник.

Децата од предучилишните установи, како и изминатите години ќе можат да ја изразат својата креативност со своите цртежи кои ќе бидат по слободен избор. Манифестацијата ќе се одржи на плочникот позади Соборен храм, посочуваат од Детски културен центар.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/05/2022 09:03