Основното училиште со ресурсен центар „Иднина“ во Скопје денеска организираше отворен ден со изложба од изработките реализирани од учениците од ова училиште и од основните општински училишта од регионот, а во чест на патрониот празник, под мотото „Да бидеме виножито во нечиј облак“.

Како што соопштија училиштето, во првиот дел од настанот беше презентирана улогата на ОУРЦ „Иднина“ – Скопје, во процесот на образование на учениците со попреченост во учебната 2021/2022 година.

Во вториот дел беше презентирана соработката помеѓу основните општински училишта во учебната 2021/2022 година, предизвиците и искуствата од страна на стручен соработник – образовен ассистент, наставник што во своето одделение има образовна ассистенција, ученик и родител.

Настанот беше организиран во соработка со општинските основни училишта од Центар, Гази Баба, Бутел, Чаир, Шуто Оризари, Зелениково, Петровец, Илинден, Арачиново, Чучер Сандево Кратово, Крива Паланка, Ранковце, Старо Нагоричане, Куманово, Липково и со центрите за поддршка на учењето на учениците со попреченост во ООУ „Кочо Рацин“ – Кратово за подрачјето на Општина Кратово, ООУ „Браќа Миладиновци“ – Куманово за подрачјето на Општина Куманово.

– Со завршувањето на учебната 2021/2022 година изминува една година од трансформацијата од посебно основно училиште во основно училиште со ресурсен центар – период максимално искористен за учење, унапредување и подобрување на услугите во спроведување на воспитно образовниот процес, услугата – образовна асистенција и специјализираните сервисни услуги за индивидуален третман и рехабилитација на учениците со попречености. Основното училиште со ресурсен центар „Иднина“ – Скопје продолжува посветено да се развива и да работи во насока на обезбедување пристап до квалитетно образование за секое дете, се наведува во соопштението на училиштето.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/05/2022 14:54