Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска изјави дека со ребалансот на Буџетот ќе има кратење во културата и напомена дека тоа прво ќе бидат најнепродуктивните и оние трошоци без кои, како што рече, „ќе можеме да преживееме до крајот на годината“.

– Во Министерството за култура веќе направивме одредени кратења за да можеме да скратиме ние од кај нас, за да не трпат оние други културни манифестации кои се финансираат преку Годишната програма, изјави Костадиновска-Стојчевска по денешната средба со медиумите. Таа додаде дека има кратење од секаде и од Буџетот на Министерството за култура и најави дека ќе следат кратења и од други финансирања кои како Министерство ги имаат на располагање.

Министерката рече дека тоа воопшто нема да се одрази на културните настани и на нивото на култура што го имаме. Овие кратења, како што напомена таа, се за да се задржат високите плати, високите примања и да можеме да ги одржиме примањата на граѓаните во ова време на кризи. Костадиновска-Стојчевска изрази надеж дека тоа нема да биде негативно истолкувано или дека нема да биде причина за „некои други настани“.

Министерката за култура изјави дека сега за сега остануваат капиталните инвестиции онака како што е предвидено, бидејќи треба подеднакво да се вложува и во повисоки плати, но и во објектите на културата каде треба да се работи и функционира.

Одговарајќи на новинарско прашање околу специјалната стратегија за заштита на културно наследство, Костадиновска-Стојчевска изјави дека освен законските решенија кои ги затекнала

или се „заглавени“ во Собрание, она што сега ќе следи не е само стратегија за заштита на културно наследство, туку и стратегија за културата. Таа додаде дека сите стратегии можат да се ревидираат, бидејќи на некои им е изминат рокот и дека треба прилагодување на сето она што се случува секојдневно во културата.

Министерката изјави дека во изработката на стратегијата и на сите документи кои треба да ја регулираат и водат културата ќе биде вклучена независната сцена, иницијативата „Аудиција сега“ и посочи дека сите треба да добијат право да бидат вклучени и опфатени во нејзината изработка.

На новинарско прашање дали е планирана нова средба на меѓувладината работна група за соработка со Бугарија, министерката за култура потсети дека на последната средба потпишале Договор за соработка или план за работа.

– Она што е предвидено во тој Договор за соработка од областа на култура меѓу Северна Македонија и Бугарија се одвива, бидејќи тие се активности кои се постојани, кои ги имаме неколку години наназад, но таму во тој Договор само ги ставивме на хартија и тие се размена не само на искуства, туку и наши гостувања во Бугарија, каде имаме Културно-информативен центар во Софија, кој има своја програма, рече Костадиновска-Стојчевска.

На средбата со медиумите министерката Костадиновска-Стојчевска се осврна и на посетата на Рим и Ватикан и изрази задоволство од културните настани и од културното претставување на земјава.

Министерката за култура најави и дека ќе биде дел од владината делегација кој ќе оди во посета на САД, каде ќе има состаноци и средби за законско решение за нелегалната трговија со артефакти.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/05/2022 15:00