На сцената од народниот театар „Војдан Чернодрински“ вечерва, во 20:00 часот, премиерно ќе биде изведена претставата „Дупло дно“ според драмскиот текст на Горан Стефановски, во режија на Наташа Поплавска. Ова е прва премиера од годинашнава програма на Театарот, а трета соработка на режисерката Поплавска со прилепскиот ансамбл.

Како што објаснува режисерката Поплавска, драмите на Стефановски, како и „Дупло дно“, во денешново турбулентно мрачно време на живеење стануваат уште поактуелни.

– Горан Стефановски останува жив со неговите дела кои, чинам, стануваат сè поактуелни. Драмскиот текст „Дупло дно“ е напишан 1983 година, но е многу актуелен и денеска. Се случува во скривница, Горан ја предвидува иднината, а од денешен аспект и од времето во кое живееме, ние го доживеавме живеењето во нашите сопствени скривници, односно домови, за време на пандемијата, а има и луѓе кои навистина живеат во скривници. Живееме под еден континуиран стрес со години. Од денешен аспект, моето режисерско гледање е дека ние сме постојано во скривница, тоа се нашите глави, како што вели Горан нашите срца кои се многу затворени, младите се сè почесто во депресија, барајќи се себеси, вели Поплавска.

Ликовите се уметници, а останува отворено прашањето кој е вистинскиот уметник и дали е заборавена уметничката слобода. Поплавска се надева во новите генерации.

– Тогаш Горан ги поставува уметникот наспроти власта, односно уметникот на власт. Денес, чинам, дека и таа позиција на уметникот се измести. Ние говориме за тоа каде е вистинската уметност, дали воопшто постои, со самото тоа што многу од нас уметници ја заборавија уметничката слобода и посегнаа по лична слобода и материјална корист и власт, наспроти тоа, не правејќи никакви промени во уметноста. Останува прашањето – кој е тој вистинскиот уметник? Во нашата претстава оставам надеж дека тоа е новата, младата генерација која живее во ова матно, мрачно време, објаснува Поплавска.

Со својата режиска постапка Поплавска се обидува да ја погледне драмата како реално шоу со музичка свита ставајќи ја актерската игра пред камери, додавајќи музичари раководени од композиторот Ристо Вртев.

Актерите Игор Трпчески и Зоран Иваноски се задоволни од соработката и како течеше процесот на создавање на претставата.

– Мојот лик, Јаков, за првпат во поставките на текстот на Горан Стефановски е трансроден лик. Тоа е мој придонес до заедницата и дека секој има право да биде она како се чувствува, вели Трпчески.

– Имаме премин од еден во друг лик. Таква е режисерската замисла и тоа го симболизира тој „пад“ на уметникот до некое дно, вели Иваноски.

Во претставата играат: Катерина Чакмакоска Клинческа, Даниела Иваноска, Димитар Ѓорѓиевски, Игор Трпчески, Зоран Иваноски и Михајло Миленкоски. Композитор е Ристо Вртев, а драматизацијата е на Ивана Нелковска.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/05/2022 09:27