Во просториите на Кинотеката утре фестивалот „Џифони Македонија“ на седмата серија од „Џифони филмски денови“ ќе го прикаже анимираниот француски филм за деца „Детето фантом“.

Филмот е синхронизиран на македонски јазик, а продукцијата е од 2015 година во режија на Жан-Луп Фелисиоли и Алан Гањол.

-Детето фантом е всушност Лео, 11-годишно момче од Њуjорк, кое е суперхерој. Лео е во болница и страда од сериозна болест, но дознава дека може да го напушта телото и да лета низ градот, да поминува низ ѕидови како фантом. Се спријателува со Алекс, полицаец, кој привремено е во инвалидска количка. Принудени се да внимаваат на Мари, своеглава новинарка, која тргнува во потрага по злосторникот, а во која Алекс е тајно вљубен. Тие тројца треба да го спасат градот од лошиот и криминален шеф, се наведува во соопштението на Џифони Македонија.

Како што е најавено, по дискусијата на филмот ќе се одржи „Филмска работилница“ со режисерката Марија Џиџева, за сите оние што сакаат да снимаат филмови и видеа.

„Џифони филмски денови“ е програма што привлекува големо внимание кај учениците што ја сакаат филмската уметност. После секоја проекција, следува дебата во која активно се учествува. Деновите се отворени за ученици од основно образование, а по проекцијата на филмот ќе следува дискусија.

Проектот „Џифони филмски денови“ се организира со поддршка на Делегацијата на ЕУ во Скопје, од Агенцијата за филм на РСМ и од Кинотеката на Македонија, а се остварува во соработка со Амбасадата на Италија во Скопје и италијанскиот партнер „Џифони Експириенс“.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/05/2022 11:02