Здружението на ликовни критичари АИКА Македонија распишува конкурс за истражувачки проект од областа на ликовната критика.

Како што информираат од АИКА, наградата има за цел да понуди можност за промислување на третманот и позициите на ликовната критика денес и на критичкото пишување за појавите и тенденциите во современите визуелни уметности и теоријата на уметноста.

– Конкурсот е отворен за проекти кои ликовната критика ќе ја препознаат како практична дисциплина која теориски ја интерпретира тековната уметничка продукција и иницира нејзината артикулација во контекст на современите уметнички продукции, стои во соопштението од здружението.

Наградата го носи името на Ладислав Баришиќ (1941-1991), ликовен критичар и историчар на уметност, кој во рамките на ликовната публицистика беше активен во периодот од 1972 до 1986. Тој е автор на текстови во кои критичарскиот став кон одреден културен настан се одликуваше првенствено со отпор кон априорното мислење својствено за догмите на времето во кое создавал.

Право за учество на конкурсот кој е отворен од 23 мај и трае до 20 јуни 2022, имаат сите историчари на уметноста, критичари, теоретичари, интердисциплинарни истражувачи и други профили на креативни автори поврзани со ликовните и визуелните уметности во Македонија (освен членовите на У.О. на АИКА Македонија). Кандидатите треба да се граѓани на Република Македонија, или, пак, странски државјани кои живеат и работат на територијата на Република Македонија повеќе од една година.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/05/2022 11:07