Македонската актерка Дарја Ризова доби награда за најдобра актерка на меѓународно ниво за улогата на Маша во претставата „Нема да биде крај на светот“, копродукција на Македонскиот народен театар, Перипетија продукција и Сараевскиот ратни театар – САРТР.

Како што информира денеска Македонскиот народен театар (МНТ), со затворањето на театарската сезона 2021-2022 година, жирито на Јени Тијатро Дергиси (Yeni Tiyatro Dergisi), во селекција на повеќе од 200 театарски претстави, го објави првиот дел од меѓународните награди за достигнувања на најдобри актери, продукции и претстави во Истанбул.

Жирито, како што се наведува, кое внимателно ги следи сите светски театарски трендови и вклучува значајни имиња и ветерани со големо мајсторство во својата област, едногласно ја додели наградата на нашата актерка Дарја Ризова.

Ова за актерката е втора награда за најдобра актерка за истоимената улога/претстава, а на 13 јуни во културниот центар „Кадебостан“ во Кадикој – Турција и официјално ќе биде доделена статуетката на овој реномиран, светски театарски настан.

МНТ ги најавува и изведбите на претставата „Нема да биде крај на светот“ кои се закажани за 30 и 31 мај на малата сцена во МНТ, со почеток во 20:00 часот.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/05/2022 11:16